Momata Rock Trail е планинска трка со динамичен интензитет, пред сè поради својата должина од 20 километри и висински профил со вкупна позитивна надморска висина од 1.400 метри. Лоцирана е на западната падина и дел од сртот на Селечка Планина, по делници кои истовремено нудат одличен терен за планинско трчање и услови за прекрасни глетки на околина
Momata Rock Trail е планинска трка со динамичен интензитет, пред сè поради својата должина од 20 километри и висински профил со вкупна позитивна надморска висина од 1.400 метри. Лоцирана е на западната падина и дел од сртот на Селечка Планина, по делници кои истовремено нудат одличен терен за планинско трчање и услови за прекрасни глетки на околината од Прилеп со остатокот од нејзините планински и врвични горделивци (Козјак, Единак, Златоврв), дел од Пелагонија и многу пошироко, од едната страна, и дивата убавина на мариовскиот „згаснат вулкан“ од друга страна, со раскошен поглед кој се протега до планините Ниџе и Кожуф, кога се движите по секторот кој е трасиран по сртот од Селечка. Почетокот на патеката е сместен во преддворјето на манастирот „Свети Димитрија“, над село Селце, во долниот дел од пазувите на Селечка, среде јаркиот воздух прочистен од боровата шума околу и над манастирот. Потоа, по комбинација од благи нагорнини и надолнини, се заобиколува ридот Топташ и се искачува неговата највисока точка, при што повторно се движи низ пријатна борова шума, за после тоа патеката да почне да навлегува во висински најинтензивниот дел, упатувајќи се кон локалитетот „Домаќинско чешмуре“ (каде е лоцирана првата контролна и окрепна точка). Овој воедно и најдинамичниот искачувачки дел од трката, кој поминува и покрај култната карпа „Момата“ по која и оваа патека го носи името. После карпата „Момата“, по добро дефинирана патека со стрмен профил, рутата се упатува кон карпестиот терасен комплекс наречен Устрелец, каде има втора контролна точка, а од каде се пружа фантастичен поглед кон Прилеп и неговата импресивна планинска околина. Потоа се искачува и издигнувањето Голем Устрелец, по што по брза и стрмна делница трката се упатува кон планинарскиот дом „Томе Темелкоски“ каде што е лоцирана третата контролна точка со втор окрепен пункт. После тоа следува еден краток рамен дел, па потоа стрмен и брз спуст накја месноста Казанташ, со прекрасен поглед на Прилеп, Маркови Кули и прилепското поле. После тој спуст следува последниот искачувачки дел од таа делница кој се движи низ дабова и букова шума, кој се интензивира со прилично стрмна крајна секција по која се искачува 1.568 метри високиот врв Ќуле каде е лоцирана и четвртата, последна контролна точка. Од Ќуле следи краток и стрмен спуст, по што патеката по изохипса се упатува во јужен правец, по релативно рамен и доста трчлив терен. Од оваа секција се пружа импресивна панорамска глетка кон областа Мариово со сите нејзини планински извишенија и дива природа. По завршувањето на оваа делница од патеката, следува спуст кон местото наречено Дуна Нива, своевиден превој помеѓу Селечка и нејзиниот братски огранок, ридот Мечка. Од овој дел спустот по добра патека продолжува до месноста над селото Селце, од каде патеката скршнува во десно и завршува во манастирското преддворје, на стартно-целниот пунктум.